Приказна за цигарите
42, Strumitsa, Makedonija

Тревките крај водата се нишаа во ритамот на ветровната музика. Јас – во
бунило. Сонот тукушто се распрсна како меур од сапуница создаден од
невешт кловн. Но, сон ко сон! Ги протириваш очите, пиеш едно силно кафе
и одново си во реалноста. Она што беше нетипично е што јас решив да го
испијам кафето крај езерото – онаму каде што раните на душата секогаш
полесно ми заздравуваат.

Чекорев крај езерото, по една скриена
патека, крај тревките што се нишаа во ритамот на ветровната музика.
Никој не знаеше дека сум таму. Никој не сакав да знае. Среќен бев што
сум крај единствената вода на светов што ми тече низ срцето, без
воопшто да ја допрам.

Здогледав продавничка. Нова, тукушто
подигната барака, со убаво исчистени прозорци, искитена со реклами, со
едно чудо овошје и зеленчук пред вратата, токму до улицата по која
минуваа автомобилите. Влегов.

– Дајте ми од моите цигари, ќе ве молам – реков.

– Ама дечко, од кај да знам ја кои се твои цигари? – ми рече девојчето што рабоетше како продавачка.

– Оние што не сум ги вкусил веќе 4 години.

– Овие се сите цигари што ги имаме – ми рече и покажа кон висечката полица со кутии.

– Дај ми од тие – покажав.

Ми
подаде една кутија. Човеку! Таа воопшто не изгледаше како оние што ги
помнев. Заоблена, испишана, накитена – исто како продавничката во која
бев влезен.

Се брзав да запалам, па побарав и една запалка. Откако ми ја подаде, почнав да чепкам по џебовите.

– Ми фалат 18 денари. Ништо – реков.

– Ќе ми донесиш! – ми подвикна и се насмевна. – Знам дека ќе дојдиш пак. Јас ќе ставам во касата.

Сиот среќен излегов, го отпакував тутунот и запалив. О, боже! Одамна толкава сладост не бев сетил.

Пред да ја ставам кутијата в џеб, забележав што пишува во коцката обележана со црна правоаголна линија: „Пушењето убива“.

„Зошто на цигарите пишуваат факти за сидата?“ се запрашав.

Не
знам што ме натера да погледнам и од другата страна. О, нечестиви сили,
кој црн ѓавол ме натера да ја превртам кутијата? Очекував да го видам
истиот натпис, но видов нешто поинакво, нешто потресно, нешто
незамисливо, нешто што никогаш не мислев дека ќе го дознаам!

„Напатена
душо, ти ја имаш(е) (не)среќата да ги купиш овие цигари. Твојот живот
веќе никогаш не ќе е ист! Внатре има 19 парчиња магија. Додека ги имаш,
ќе имаш што и да посакаш. Но, откако ќе ги потрошиш, ќе мораш да вратиш
сè што не е твое. Внимавај! Не смееш да пушиш други цигари, сè додека
ти трае оваа кутија!“

Одново ме нападнаа силите на злото. На
брзина ја фрлив запалената цигара на земја, ја згазнав, а кутијата ја
фрлив кон езерото, колку што можев посилно. Не, никогаш немаше да си
дозволам да имам работа со нечестивите.

Го отворив ранецот.
Барав вода, да си ја угасам жедта која се роди под тежината на лутото
летно сонце. Но, таму, наместо пластичното шише, ме чекаше кутијата со
чудниот натпис.

„Боже, колку ми се пие вода! Ќе одам да пијам од езерото!“ си помислив.

Во
истиот миг, крај езерото, се појави фрижидер со мојата омилена
минерална вода. Грабнав едно и пиев. Пиев како порано да не сум видел
вода. Ја давев жедта. Ја убивав немилосрдната кучка.

Откако ми
дојде душата наместо, посегнав по цигарите. Не ми било пишано да се
отарасам од нив. Па си реков, ќе запалам. Кога ја отворив кутијата,
забележав оти недостасуваат две. Се замислив. Извадив една, тогаш каде
исчезнала другата?

„Би било убаво да заврне. Одамна немало сладок дожд“ си реков во себе.

4 минути подоцна, небото се прекрши врз мене. Чинам оти секоја една капка што некогаш испарила, падна врз мене, тогаш, таму.

Во кутијата, уште еден цилиндер помалку.

Веќе знаев што треба да сторам. Имав уште 4 пати по 4 преостанати желби. Морав умно да ги искористам.

****

Летото
помина. Јас пуштив корени крај езерото, како никогаш порано. Желбите
отидоа на важни работи. Барем за мене. Сите други би рекле дека сум
луд. Но, детето што остана без родители во пожар, мораше да биде
соединето со жената што не можеше да има деца, а толку многу ги
посакуваше. Кученцето што остана без нога во сообраќајната несреќа
мораше да добие втора шанса. Човекот кој остана без својата плата во
нападот од разбојници, мораше да има што да им однесе на своите дечиња.
Мораше....

Време беше да се вратам дома. Се подготвував. Тогаш, некој ја спомна.

Ја извадив кутијата во која што имаше само уште една цигара.

„Никогаш повторно да не ја видам“ посакав, овој пат на глас.

Кутијата
се осуши како скапана овошка, небаре сиот живот од неа беше исцеден од
некоја болештина. Ми се исполни и последната желба.

Од другиот
крај на улицата се вдаде продавачката. Иташе кон мене. Ми се приближи
со истата слатка насмевка на лицето со која што ме услужи кога првиот
пат ја здогледав. Ми рече:

– Да ми вратиш 18 денари....

26 pregleda
 
Komentari

Još nema komentara.
Ostavi komentar, započni diskusiju!

Blog
Blogovi se ažuriraju svaka 5 minuta