Пријателство
42, Strumitsa, Makedonija

Мораше да се одобри статусот пријател. Секако, многу би било грубо од некого да се смета за твој пријател, ако ти не му кажеш дека тоа е ОК. Замислете само, некој да ве сака како себеси, а вие да не го поднесувате? И уште, тоа сите да можат да го гледаат во полето за вашиот статус?! Не, тоа едноставно е недозволиво. Затоа, мораше да се одобри статусот. А, тој што ја поднел апликацијата за пријателство во 4 идентични примероци до сите одбори за социјално вмрежување, немаше што друго да прави, освен трпеливо да чека. Трпението сепак беше една од оние најценети човечки особини. Можеби зашто беше прогласена за загрозен вид, со строга забрана за лов!

Во тоа време од особена важност беше бројот на луѓе кои те прифатиле за пријател. Можеби си ги видел еднаш во животот или пак само си ги наѕрел, но важно си успеал да ги натераш со некоја своја шармантна карактеристика да те одобрат. Луѓето кои претходно имаа многу пријателства заради тоа што беа славни, одеднаш станаа славни зашто имаа многу пријателства. Најфотографирани од папараците беа оние што во својот статус имаа по многу илјади познаници. За нив се знаеше сè. Тие беа оние што добиваа и најмногу нови покани. Дури и од некои анонимци за кои никогаш порано немаа чуено. Многу јасно, по брза постапка и со екстремни предрасуди, истите беа одбивани беспоштедно!

Кога едно мало суштество (кое не беше ниту момче, ниту девојче, од проста причина што ја загуби својата сексуална идентификација во светот во кој беше најважно да осигураш толпа околу себе, а не да освоиш некого од спротивниот пол (а ниту од истиот пол (барем не во сексуална смисла))) започна да живее во реалниот свет (од тоа време), нужно беше крај своето име што побргу да впише и бројка на познанства. Но, никој, ама баш никој не сакаше позитивно да одговори на барањата од тоа кутро човече. Родителите не му беа важни во вмрежениот свет, беа некаде на маргините и едвај да имаа по десетина познанства, од кои многу се преклопуваа. Ги знаеја речиси истите луѓе. Но, си беа доволни еден на друг. Малото, не мислеше така. Сите информации со кои растеше велеа оти мора да ја наголеми бројката крај своето име.

Се отепа од праќање формулари во 4 примероци, но повратната информација секогаш велеше – барањето е одбиено. А за трпение речиси и да не знаеше. Се обидуваше да го направи сопственото постоење поинтересно со додавање информации достапни за сите, нешто што ќе го збогати профилот и ќе привлече луѓе што ќе посакаат да бидат пријатели, безусловно. Но, тоа едноставно не се случуваше.

По некое време, малото човече се откажа. Арно ама, иако се скрши од работа барајќи насекаде опција за бришење на профилот, такво нешто не успеа да најде. Најпосле, исцрпено до немајкаде, ги избриша сите нешта што ги имаше во истиот тој профил: спомените, сликите од минатото, мислите, доживувањата, речиси целата меморија. Остана само она последното, што никако не можеше да се избрише – името и презимето. Истите останаа засекогаш.

Дури и по смртта, не дозволија празниот профил да биде избришан. Остана затрпан под купиштата успешни профили, во некој подрум, во некоја архива....

8 pregleda
 
Komentari

Još nema komentara.
Ostavi komentar, započni diskusiju!

Blog
Blogovi se ažuriraju svaka 5 minuta